Kако главен извор и голем двигател на културното живеење на
градот, уште од 1947 година, за првпат оваа година Државното музичко
училиште од Битола се придружува во празнувањето на светскиот Ден на
пијаното.
Државното музичко училиште во Битола постои 76 години, а пијано
класата оваа година брои 21 наставник. Стотици врвни пијанисти
поминале низ клупите на ова училиште, нашите пијанисти концертираат,
предаваат и се добитници на престижни награди во Македонија и
странство, со што сме достојни промотори на овој инструмент насекаде
низ светот.
Светскиот ден на пијаното е создаден за да го прослави овој
неверојатен инструмент, кој на многумина од нас ни носи радост низ
годините. Без разлика дали свирите на пијано или не, сите можеме да се
согласиме дека слушањето добар пијанист претставува радост.
Денот на пијаното започнува да се слави по идеја на германскиот
пијанист, композитор и продуцент Нилс Фрам. Нилс Фрам компонира
класична пијано музика со електронска музика, реформирајќи ја пијано
музиката со неконвенционален пристап. Тој го започнал празникот во 2015
година. Оттогаш, празникот се проширил бидејќи луѓето одржувале
концерти, рецитали, предавања и др. Официјалната веб-страница,
Pianoday.org, ги наведува сите концерти и настани на кои можете да одите
низ целиот свет за да помогнете во славењето на убавината на звуците на
овој прекрасен инструмент – пијаното.
Зошто токму на 29ти март? Денот на пијаното се одржува ширум
светот, на 88-от ден во годината (29-ти март во нормални години и 28-ми
март во престапна) ги симолизира 88-те клавиши на клавијатурата.
Првото чествување на, за нас, овој значаен ден се одржа во
прекрасната концертна сала на Офицерскиот дом во Битола, каде се
одржаа три концерти на кој настапија 48 наши талентирани пијанисти на
возраст од 7 до 18 години. Истите изведуваа низа на класични и современи
пијано партитури.
Се одржаа три концерти и тоа:
10.00ч за најмалата публика од градинките
12.00ч за децата од училиштата
19.00ч Свечен концерт
Трите концерти беа посевтени на бројна публика, од најмладите
слушатели во градинките до возрасна публика. Освен музичките настапи
на пијанистите, се остварија и лични средби со публиката за
приближување на овој инструмент до неговите почитувачи.
Со овој музички настан во организација на Дртжавно музичко
училиште – Битола, Битола достојно го оправдува епитетот “Град на
клавирите”.
На наше големо задоволство за овој празник добивме искрени
честитки и инспиративни говори од врвни пијанисти и педагози за
што им благодариме.
проф. Јури Кот, редовен професор на Националната музичка
академија П.И.Чајковски во Киев, Украина;
https://www.facebook.com/muzickoucilistebitola/videos/922216728822338
проф. м-р Катарина Крпан, редовен професор на Музичката
академија во Загреб, Хрватска;
https://www.facebook.com/muzickoucilistebitola/videos/546032157641585
проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја, професот на Факултет за
музичка уметност во Скопје, Македонија.
„Ако треба да се набројат најголемите изуми на човештвото, покрај
тркалото и космичкиот брод не смее да се изостави пијаното. Совршен –
не механизам туку организам во кој хармонично се спојуваат сложената
механика и инженерното пресметување, усогласеноста на материјалите,
цврстината и приземноста, но истовремено и полетноста. Капакот мора да
е отворен – тогаш тој, наликувајќи на едро ли, крило ли, ја ослободува
душата на пијаното, неговиот глас, интимен, како за салони, моќен, како за
големи концертни сали и отворени простори. Светот на пијаното е
сеопфатен и безграничен: највозвишените дела на Бетовен,
најбравурозните на Лист, најрафинираните на Шопен, најколористичните
на Дебиси, најмоќните на Рахманинов и на други исклучителни гении кои
пишувале за пијаното го сочинуваат немерливото богатство на човештвото.
Но пијаното не е сноб: придружник е на танци и забави во периодот пред
технолошките изуми – од шубертијадите и домашните приредби до
салуните и баровите кадешто времето „се цепкало“ и се насетувал џезот, а
тука се и немите филмови чијашто тишина се надминувала токму со звукот
на пијаното и целата динамика и драматургија никнувала „тука и сега“ од
рацете на пијанистот-импровизатор. Работник е и во подготовките на
оперските и балетските претстави и симфониските партитури – бидејќи на
пијаното може да се опфати и прозвучи и оркестар, и хор, и сè заедно.
Пијаното им вели добредојде на врвните виртуози, но и на аматери; еден
ист „кралски“ инструмент може да го допрат прстите на возрасните, но и
рачињата на најмалите – и сите ќе го добијат неговиот пријателски
одговор. Соло и придружба, концерти и домашно музицирање,
четирирачно, шесторачно, осморачно свирење како врвна форма на
дружење преку заедничка изведба, ансамбл како врвна форма на духовно
заедништво – сè ова е пијаното. Да не го заборавиме и пијаниното, повеќе
достапно во домовите, поскромно со изгледот и звучноста, а незаменливо
на патот на поединецот кон музичките висини, но и градење на еден
исклучителен сегмент на современата музичка култура на општеството.
Прославувајќи го денот на пијаното со музиката за пијано, да се сетиме на
изумителите на ова ремек дело, на мајсторите кои го градат, на штимерите
кои го одржуваат во форма, на композиторите кои создаваат за него, на
големите пијанистички имиња кои го оживуваат, на публиката која ужива
во неговиот звук, на наставниците и учениците кои ја продолжуваат
традицијата и откриваат нови патеки во бескрајот на пијаното и
пијанизмот“
Проф. д-р Викторија Коларовска – Гмирја од Факултетот за музичка
уметност во чест на настанот во Битола.
“Државното музичко училиште, од кое потекнуваат бројни звучни
имиња во светот на музиката со овој настан обезбеди уште еден начин
младите пијанисти да ги покажат своите таленти. Настанот е и потсетник
за моќта на музиката која ги зближува луѓето создавајќи чувство на
заедница. Со вакви настани, јасно е дека пијаното ќе продолжи да биде
сакан инструмент што ќе ги инспирира генерациите музичари што
доаѓаат”
проф.д-р Татјана Божиновска, шеф на класата по пијано на ДМУ –
Битола,
На крај, изразуваме голема благодарност до оние кои придонесоа во
реализацијата на овој настан, КИЦ – Битола и г-ѓа Лили Бошевска, Љубица
Ангелкова, Горјан Главески, Диоген Хаџи-Коста Милевски, “Типо
графика“ и иако на крај, но не на последно место, директорот на нашето
училиште г-дин Кирил Стојчевски со наставниот кадар од пијано класата и
сите 48 ученици кои го збогатија настанот со радост и убава музика.
До следната година.