Марија Шамоска Буџаковски
ДИРЕКТОР
Марија Шамоска Буџаковски е родена во Битола, каде го завршува основното и средното музичко училиште. Потоа се запишува на факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на м-р Милица Шперовиќ-Рибарски, кај која ги завршува и магистерските студии и се стекнува со звањето Магистер.
Учествувала на државни и меѓународни натпревари и е добитник на многу награди во земјава и во странство, а учествувала и на семинари кај познати пијанисти како : Марчела Крудели, Данг Таи Шон, Акилес Дел Вињ, Даниела Морели, Макико Хирата, Андреј Диев и др. Посетувала и семинари за стручно усовршување организирани од УСАИД, ЕПТА, БРО,и др.
Настапувала на повеќе значајни културни манифестации како: ”Денови на македонската музика”, ”Денови на полската култура во Македонија”, ”Ресенско културно лето”, ”Денови на битолска ликовна колонија во Скопје”, ”Музички вторник”, ”Хераклејски вечери” ,”Интерфест”, ”Битолско културно лето”, “Прилепско културно лето”и др.
Од 2005 година работи како професор по пијано во Државното музичко училиште во Битола, како професор по пијано, ја негува и камерната музика, а во моментов ја извршува фунцијата директор на оваа институција. Како професор постигнува врвни успеси со своите ученици, голем број на први и специјални награди, како и признанија за лауреати. Нејзините ученици настапиле на значајни манифестации и учествувале во многу проекти, со што исклучително се допринело за нивниот едукативен, педагошки и културен развој. Поради ова, Шамоска – Буџаковски често е наградувана со највисоки признанија за успешна креативна и професионална педагошка работа.
Шамоска – Буџаковски одржала сопствени семинари и предавања на теми од областа на пијанизмот и пијанистичката педагогија на значајни државни и меѓународни манифестации како што се предавањата во склоп на “ЕПТА” пијано – фестивалот, како дел од културната програма на О.Новаци, како и предавање во Нови Сад, Србија.
Освен пијанистичката кариера, се посветува и на камерното музицирање, па така во 2013 година со нејзината колешка, челистката Андријана Дукоска, го формираат дуото ДУО НУОВО, виолончело и пијано, а во 2016 година, нив им се придружува и флејтистката Светлана Богданоска и го формираат триото ТРИО ДОЛЧЕ со кое активно концертираат.
Желбата за инвентивност и експериментирање резултира и води кон формирање на триото за шест раце – ТРИО ТРИФОНИКА – трио формирано заедно со професорките Јана Четелева Белевска и Елена Ѓоргиева, а со кое што настапуваат во повеќе наврати и кое што пред себе има светла иднина пореади новата енергија која ја носи на домашната и меѓународната сцена.
Дел е од членството на здружението на пијанисти и музички педагози ”Пијано” кое го организира меѓународниот натпревар по пијано “Пијанофест”-Битола и здружение кое активно организира различни случувања од областа на пијанизмот и класичната музика како : концерти, натпревари, европски проекти, семинари и сл. Во 2023 година Здружението “Пијано” ја доби престижната награда “4ти Ноември” како признание за успешна работа во областа на културата и образованието.