
Доминика Робе Поповска
Наставник по пијано и корепетиција
Доминика Робе Поповска е родена во Битола, 1994 година. Своето основно и средно музичко образование го завршила во ДМУ-Битола, во класата на проф. Маргарита Татарчевска. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во класата на проф. др. Кристина Светиева како најдобар студент на генерацијата. Во 2018 година станува магистер во корепетиција, во класата на доц. м-р Марија Вршкова. Во 2022 година магистрира во пијано изведба на Флорида Атлантик Универзитет, во класата на проф. Др. Ирена Кофман. Во текот на своето школување се здобива со преку 15 награди од државни и меѓународни натпревари меѓу кои и прва награда на Охридски Бисери, како од областа на пијаното, така и од областа на солфежот и камерна музика. Меѓу многуте посетени семинари во земјата и странство, учесник е и на меѓународниот проект ‘Европски пијано рефлексии”, проект на повеќе пијанисти и педагози од различни европски земји. Од 2016 до 2020 година, четири години е наставник во ДМБУЦ “Илија Николовски -Луј” во Скопје. Иако многу кратко, за само една година доживува успеси и од областа на педагогијата, па така нејзините ученици се носители на државни и меѓународни пијано натпревари.
Од 2016 до 2020 година Доминика работи како корепетитор на ФМУ Скопје, исто така и во Националната Опера и Балет на РСМ, 2016-2017 година. Од 2020 до 2022 година како корепетитор во ФАУ, Бока Ратон, Флорида. За време на нејзиниот престој во САД, Доминика остварува и други работни искуства од областа на музиката – Директор на музика и хор, во црквата “Св. Михаил”, Велингтон, Флорида и во црквата “Пресбитеријанска Вера”, Вест Палм Бич, Флорида. Во истиот период е и наставник во реномираното училиште “Грендвју”, Бока Ратон, Флорида. Нејзината концертна активност е континуирана од најмали нозе, во својата најширока разновидност, како солистички рецитали, камерно музицирање, хорско и оркестарско музицирање, како во РСМ така и во странство. Учесник е на фестивалите “Златна лира”, “Охридско лето”, “Денови на македонска музика”, “Бит фест”, корепетитор на престижниот натпревар “Охридски бисери” итн. Има остварено неколку проекти поддржани од Министерството за Култура, меѓу кои и концерт во Њу Јорк, САД. Моментално работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.