Краток историјат на Државно Музичко Училиште
Државно музичко училиште – Битола е формирано во почетокот на 1947 година со решение на Министерството за народна просвета на Народна Република на Македонија и спаѓа во редот на најстарите училишта во Македонија. Во почетокот беа формирани паралелки за основно музичко образование а во 1962 година се формирани и пaраралелки за средно музичко образование. Голем број на завршени ученици од ова училиште се гордост за музичката култура на градот и Р.Македонија.
Многу некогашни наши ученици, денес се дел Македонска Опера и Балет, Македонска филхармонија, СОКОМ, наставници во основните и средните училишта, професори на ФМУ во Скопје и Штип. Некои наши ученици станаа познати естрадни уметници во државата и надвор од неа, а некои се на пат да станат големи уметнички ѕвезди. Сите тие се гордост на нашето училиште, на сите нас.
Како институција со високи професионални квалитети, активно е вклучена во културното живеење на градот и регионот, организирајќи концерти по повод отворање на изложби, литературни презентации, соработка со други здруженија, институции, како и со фестивалот на класична музика „Интерфест – Битола“; „Шопенова Вечер“; Фестивал на млади пијанисти организиран од ЕПТА и мн.др.
Во 2014 год. нашето училиште потпиша меморандум за соработка со Музичкото училиште „Мимар Синан“ од Истанбул, Р.Турција.
Голем е бројот на признанија што ги имаат освоено до денес нашите ученици во Македонија, низ градовите во Европа и пошироко, а секако значајно e да се спомене и доделувањето на наградата на град Битола “4 Ноември”.
Во својот седумдецениски развој оваа институција бележи постојан подем по однос на видот и бројот на образовни профили и растот на бројот на учениците.
Државното музичко училиште од Битола е образовна институција со основно и средно музичко образование, која опфаќа ученици од Битола, Прилеп, Крушево, Кавадарци, Кичево, Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и други пооддалечени градови во државата.
Во нашето училиште се изучуваат стручно теоретски предмети, како и општообразовни предмети, а застапени се следните инструменти: пијано, виолина, виола, виолончело, контрабас, флејта, кларинет, саксофон, труба, соло пеење, ударни инструменти, гитара, хармоника, народен тапан и кавал. Учениците задолжително свират пијано и учествуваат во дувачки/гудачки училишен оркесар или во мешан училишен хор.